Нема СП за бекот на Металург: Кузмановски оди „под нож“

Бекот на Металург и на македонската репрезентација, Филип Кузмановски и дефинитивно нема да игра на Светското првенство во Франција, откако е одлучено да замине „под нож“ за да ја санира повредата на дланката заработена на дуелот од Лигата на шампионите меѓу Металург и Татран Прешов минатиот викенд. Операцијата најверојатно ќе биде извршена во текот на утрешниот ден во Хрватска.

Препораката на лекарите е со хируршки зафат да се реши ситуацијата, односно скршеницата на коската во пределот на дланката, за потоа без никакви проблеми Кузмановски да биде подготвен за следните натпревари. Камбекот би требало да се случи на последниот дуел од групната фаза во Лигата на шампионите на 4 февруари против Чеховски Медведи, натпревар кој би можел да одлучува за пласман на Металург во следната фаза. Но затоа да се случи, металурзи без Кузмановски мораат да ја победат Ла Риоха на гостински терен оваа сабота.