Нема повеќе странци: Струга продолжува со сопствени сили во Супер лигата

Пред одигрувањето на средбата од 2. коло во Супер машката лига, во екипата на Струга дојде до мали турбуленции, а на натпреварот против Пелистер в сабота во составот ќе има само домашни ракометари. Буџетот на стружани се намалува, па со тоа се намалува и можноста да се ангажираат ракометари од страна. Играчите кои беа во комбинација за потпис нема да се најдат во екипата, а неизвесно е што ќе биде и со Богдан Николиќ кој играше и на првиот натпревар против Работнички.

Во клубот веќе имало состанок на оваа тема и интернационалците биле информирани дека сега тие се на удар бидејќи зафаќаат најголем дел од буџетот на клубот. Некои од сегашните ракометари изразиле желба и да останат и со намалени плати, за што допрва треба да се разговара.

Претседателот на Струга, Наумче Мојсоски се труди да дојде до финансии со кои ќе може да ја задржи екипата на нивото од последната сезона и да се продолжи со игра за висок пласман, но неизвесно е дали ќе добие помош во обидот да се има силна екипа која ќе може да се бори за пласман во плејофот. Во Струга нема компании заинтересирани да го помогнат ракометниот клуб кој претходните две сезони беше стабилен суперлигаш. За нешто повеќе треба и повеќе пари.

Засега е јасно дека финансиите се намалени и дека Струга ќе има помал буџет од лани, а првото кратење доаѓа од странците. Оттаму стружани продолжуваат со сопствени сили во сезоната во Супер лигата, додека за странците постои засега минимална шанса. Нивното останување во Струга зависи од финансиите на клубот односно од тоа дали Мојсовски ќе добие финансиска помош од градот или од некоја компанија од Струга.