Нема одмор за најдобрите: Талески за помалку од 24 часа ќе игра и Бундес меч и Лига на шампиони

Противникот на Вардар во групната фаза од Лигата на шампионите, Рајн Некар, каде игра македонскиот интернационалец Филип Талески, се најде во несекојдневна ситуација. Претстојниот викенд „лавовите“ од Манхајм ќе одиграат два меча за помалку од 24 часа, еден во Бундес Лигата и еден во Лигата на шампионите.

Прв противник ќе биде тимот на Лајпциг, утре со почеток во 18 часот, а веќе в недела Рајн Некар го очекува гостување во „Блауграна“ кај Барселона со почеток во 19 часот. Германците секогаш истакнуваат дека настапите во домашниот шампионат се поважни за нив, но сепак се одлучија со најсилен состав да патуваат и во Шпанија.

„Лавовите“ по завршувањето на дуелот во Лајпциг, патуваат за Берлин, каде што ќе ноќеваат и в недела наутро ќе отпатуваат за Барселона. Колку тоа ќе биде напорно за тимот на Николај Јакобсен, ќе видиме на терен, но дури и најдобрите не можат да одиграат два тешка дуели во два дена.