Нелоски доби покана за собир на Металург 2, но нејасно е дали ќе се појави

Пред три дена ракометарите на Металург ги стартуваа подготовките за новата сезона, а во Автокоманда не се појави бекот Марко Нелоски. Во финишот на минатата сезона, Нелоски побара исписница од македонскиот вицепрвак, а беше договорена и оштетата, бидејќи бекот има договор со Металург и за оваа сезона.

Нелоски се поврзуваше со трансфери во Магдебург, Пелистер, Вардар, но нема ништо од евентуалното заминување во некој од овие клубови. За напуштање на клубот, потребно е да се плати обештетување, кое неофицијално изнесува 30.000 евра.

Бидејќи се уште нема најдено нов ангажман, клубот му упати покана да се појави на собирот на Металург 2, кој ќе биде в понеделник од 17:30 часот, но најверојатно играчот нема да се појави. Во Автокоманда, не сметаат на неговите услуги за настап во првиот тим, бидејќи во меѓувреме се засилија со други играчи на неговата позиција. Разрешницата на оваа ситуација најверојатно ќе има во следните денови.