Некогаш беше мега-дерби, денеска немаше ниту интернет пренос

Со дуелот меѓу Вардар и Металург заврши уште една сезона во Супер машката лига за македонскиот шампион. Мечот кој некогаш беше мега-дерби денеска остана во сенка на минатото кога овој дуел не беше само дерби на Македонија туку и дерби број 1 на Балканот. Сега е некое друго време, Металург заврши како трет, а Вардар се подготвува за Фајнл Фор турнирот во Келн.

Средбата меѓу Металург и Вардар која денеска се играше во „Автокоманда“ беше одиграно пред околу 400 љубители на ракометот, премалку за мечот за кој пред неколку години се бараше влезница повеќе. На трибините во „Автокоманда“ секогаш беше претесно. Никогаш немаше место за сите кои сакаа да ја следат средбата.

Само пред неколку сезони на средбите меѓу Вардар и Металург во „Борис Трајковски“ немаше доволно место за да се соберат сите кои сакаат да го погледнат дуелот на титаните. ТВ пренос беше привилегија и чест за националната телевизија, а трибините полни и вжарени. Денеска ниту една телевизија не го емитуваше директниот пренос од овој дуел. На жал на сите кои сакаа да го гледаат овој меч немаше ниту пренос на интернет, на Youtube каналот на федерацијата како што е вообичаено изминативе неколку сезони. Разочарани останаа и оние во спортската сала во „Автокоманда“ кои дојдоа да гледаат врвен ракомет, а мораа да се задоволат со мал поглед кон иднината. Ракометната надеж на некогашниот европски првак, кадетскиот состав на Вардар, ги одигра последните две кола од регуларниот дел на сезоната, на спротивната страна Металург не беше толку смел, па излезе со комбинирана постава и победи.

Вардар ја осигура титулата во македонскиот шампионат на две кола до крајот на сезоната, затоа клубот донесе непопуларна одлука комплетно да им отстапи простор на кадетите да го почуствуваат теренот на Суперлигата. Очекувано Вардар во вториот и последен натпревар сезонава го запиша и вториот пораз во низа, овојпат од комбинираниот состав на Металург, а тоа ништо не промени на табелата во македонскиот шампионат.

Денеска ниту едниот ниту другиот тим не беа со најсилните состави. Вардар ги имаше само голманите од првиот тим и речиси комплетниот кадетски состав, додека Металург беше со само еден од странците и другите ракометари кои се родени после 1996 година.

Некогаш беше ракометен празник, дерби за почит во Македонија и на Балканот, а денеска само бледа сенка на она што во минатото значеше натпреварот кој го чекаа сите вљубеници во ракометот. Поле за мерење.. на иднината. Сезоната за скопските ривали заврши, Вардар го освои шампионатот, Металург купот, до некои други времиња, останува да се надеваме дека ќе се врати стариот жар кое го нудеше некогашното мега дерби, Вардар и Металург.