Неготинци порачуваат: Очекуваме тежок натпревар, но бодовите ќе останат кај нас

По 10 години пауза, на ракометна сцена повторно ќе има регионално дерби. Дуелите меѓу тогашното Повардарие и Тиквеш, а подоцна и ВВ Тиквеш, секогаш го привлекувале вниманието на ракометната јавност. Двете екипи сега се натпреваруваат во Првата Лига, но иако не се во најквалитетната конкуренција, ривалитетот се уште постои. Домашните очекуваат голема поддршка од публиката, а најавено е присуство на голем број ракометни работници и поранешни ракометари на клубот од Неготино во неговите најдобри денови. Навивачката група „Винари“ ќе го прослави 25-тиот роденден од формирањето во 1992 година, па и тие ќе му дадат посебен шмек на овој натпревар.

Тренерот на домашниот тим, Драган Сукара очекува неизвесен натпревар, каков што имало секогаш кога играле екипите од Неготино и Кавадарци.

„Очекувам неизвесен натпревар, вистински првенствен, што впрочем треба да се очекува од дерби, од дуел меѓу ривали како Вардар Неготино и Тиквеш. Се надевам на фер и коректна игра од двете страни и очекувам да имаме полна сала и поддршка за нас од нашата верна публика и од нашите навивачи „Винари“, до кои апелирам за коректно навивање, а на крајот нека победи подобриот.“ – изјави Сукара.

Капитенот на Вардар Неготино, Драган Кузманов, очекува неизвесен натпревар, но се надева дека бодовите ќе останат во Неготино.

„Очекувам тежок и неизвесен натпревар. Ние сме млада екипа, која помина заедно долг период во пионерска и во кадетска конкуренција, а оваа сезона за прв пат играме во сениорска конкуренција. Гостите од Кавадарци имаа поискусна екипа, но мислам дека ние сме повеќе уиграни и добро се познаваме. Помогнати од искусните Ристе Трајковски, Раде Велјанов и голманот Јанев, правиме добар спој на младост и искуство, а очекувам помош и од нашиот осми играч, публиката, како и од „Винари“ и на крајот се надевам дека бодовите ќе останат во Неготино и сите заедно ќе се радуваме.“ – изјави Кузманов.

Дуелот меѓу Вардар Неготино и Тиквеш се игра денеска со почеток во 19 часот, а ќе го судат Ненад Николовски и Исмаил Металари.