Гримсбо царуваше на голот, Морк царуваше во нападот: Ѓер победи кај Ростов

Иако сите очекуваа враќање на победничките патеки на Ростов Дон по поразот во првото коло од ЧСМ Букурешт, сепак руските ракометарки се одново поразени. Тимот на Јан Лесли во дуелот со еден од најголемите фаворити за освојување на Лигата на шампионките, Ѓер, загуби со 28:27.

Рускиот состав оваа сезона доби шанса да учествува во елитното натпреварување со вајлд-карта, но квалитетот на тимот од Дон сигурно треба да покаже многу повеќе оваа сезона. Токму натпреварот со унгарскиот вицепрвак Ѓер значеше тест за амбициите и силите на двете екипи.

Русинките речиси во текот на целиот натпревар имаа предност од гол или два, а на пет минути до крајот имаа шанса да обезбедат два бода во елитното натпреварување откако се оддалечија на три погодоци разлика 25:22, но само една минута беше доволна Ѓер да се врати во игра и на две минути пред крај да го изедначи резултатот на 26:26.

Но Гримсбо одбрани три шута во серија и еден пенал, Морк и Аморим погодија, додека Ростов не успеа да даде гол во последниот напад и победата остана за Ѓер, 28:27. Најдобри во унгарскиот состав беа Морк со 8 и Аморим со 7 голови, додека во Ростов се истакнаа Вјахирева со 8 и Манагарова со 6 голови.