Неагу ги разбуди Романките во вистински момент: Слатка победа против Шпанија за враќање на вистинската патека

По почетните изненадувачки игри, поразот од Ангола и дебаклот против Бразил, Романија конечно започна да наликува на репрезентација која е во врвот на светскиот ракомет. Победата против Црна Гора им ја даде потребната самодоверба, а нивниот најдобар играч, воедно најдобар играч на планетата, Кристина Неагу ги предводеше кон уште една победа, овојпат против селекцијата на Шпанија.

Шпанките преку Кабрал први го отворија резултатот, но разликата од три погодоци први ја достигнаа ракометарките на Романија по само 10 минути. Од моментот кога го превземаа водството не дозволија изненадување, ја контролираа играта и единствено допуштија едно изедначување, но не и враќање на почетното водство. Така на полувреме двете екипи заминаа со два гола предност за Романија (13-11), која се покажа доволна за втора победа на романскиот состав.

Предноста им даде самодоверба на Романките која ја искористија и на стартот на вториот дел набрзина дојдоа до предност од +6 (17-11). Шпанките не се предадоа и во средината на вториот дел возвратија со своја серија и го израмнија резултатот на 18-18(45′).

Последните 10 минути преминаа во неизвесен и возбудлив финиш, а Романија подобро ги искористи последните пет минути и на крилата на Брадеану, Букеши и Неагу обезбеди втора победа во Рио со резултат 24-21.

Најпрецизна во составот на Романија беше Неагу со девет погодоци, а четири помалку постигна Мелинда Гајгер. Кај Шпанките Кабрал, Манге, Пена и Мартин постигнаа по четири погодоци недоволно да се избегне вториот пораз на олимпискиот турнир.

Со оваа победа Романија е дел од групата репрезентации со по четири бодови пред последното коло и за сигурен пласман мора да го совлада актуелниот олимписки шампион Норвешка. Шпанките во последниот натпревар од групната фаза играат против Ангола во директна битка за пласман во четвртфиналето на Олимписките игри.