На крајот на сезоната, Подравка останува без четири интернационалки

Тренерот на Подравка, Златко Сарачевиќ потврди дека четири ракометарки ќе го напуштат тимот, а меѓу нив е и ракометарката која го има носено и дресот на Вардар, Русинката Алена Ихнева. По крајот на сезоната си заминуваат и уште една Русинка, Наталија Чигиринова, Белорусинката Карина Ежикова и ракометарката од Словачка, Марија Голешова.

‚‚Ракометарките не напуштаат поради различни причини. Некоја сака да биде поблиску до дома, некоја заминува кај својот партнер. Сè е нормално, ракометарките се договорија со раководството на клубот. Не се мешам во овие одлуки, само поделив неколку совети, но, сепак, одлуките ги носат лицата кои го водат клубот. Сите девојки се однесуваа максимално коректно и играа со целосна предаденост за клубот. Можеби е прерано, сезоната сè уште не е завршена, но сакам да се заблагодарам на ракометарките кои беа големо засилување и ја поминаа сезоната во Подравка. Не можам да пропуштам да напоменам дека атмосферата што ја создаваат навивачите е неверојатна и овој клуб заслужува да ги освои сите трофеи и да учествува во Лигата на шампионите‘‘, изјави Златко Сарачевиќ.

Од четирите ракометарки кои заминуваат само Марија Голешова има клуб, таа се сели во Унгарија во Мосонмаѓаровар. Другите три сè уште немаат одлучено каде ќе ја продолжат кариерата.

Инаку, веќе е познато дека во новата сезона дресот на Подравка ќе го носи капитенот на репрезентацијата на Македонија, Елена Ѓеорѓиевска која доаѓа од шампионатот на Романија.