Најголема опасност за Даниловски и Томовски е второлигашки играч: Ниту Мем, ниту Ричардсон, туку Мокуе!

Противник на Македонија во историското четвртфинале на Мундијалот во Алжир, ќе биде еден од главните фаворити за златото, Франција. „Триколорите“ со овој состав веќе станаа европски прваци до 18 години, потоа и светски шампиони до 19 години, а сега ќе се обидат да го направат истото и во оваа категорија.

Иако главните ѕвезди се десните бекови Дика Мем од Барселона и Мелвин Ричардсон од Монпелје, сепак тие двајца не предничат со ефикасноста на натпреварите кои досега ги одигра Франција. Најдобар стрелец е левото крило на Понто Комбо, тим од Втората Лига на Франција, а се работи за Етиен Мокуе. Тој досега постигна 29 голови од 41 обид, па Даниловски и Томовски ќе треба особено да внимаваат на ударите од неговата позиција.

Невообичаено, во францускиот состав како никаде во друга репрезентација, доминираат леваците, односно играчите што играат на десната страна во нападот. Покрај Мем и Ричардсон, вреди да се обрне внимание и на новото десно крило на Барселона Јанис Лен.  23 Голови има дадено Мем, по 20 досега имаат постигнато Ричардсон и  централниот бек Мин, а по 19 крилото Лен и левиот бек Лагард.

Дуелот меѓу Македонија и Франција од четвртфиналето на СП се игра со почеток во 19:30 часот.