Наумче Мојсовски: Без борба и залагање Македонија може да загуби и од Занзибар

Поранешниот репрезентативец на Македонија, Наумче Мојсовски, кој е дел од Управниот одбор на РФМ, на денешната седница го искажа своето мислење по прашањето за сениорската репрезентација.

Натпреварите со Турција и Грција уште се во центарот на вниманието и сите размислуваат за она што се случи, па затоа е интересно да се слушне како легендите на македонскиот ракомет гледаат на тие средби. Воедно и на она што претстои во јануари.

„Турција во Битола ни одржа лекција за модерен ракомет. Дојдоа без 2-3 најдобри играчи и ни удрија шлаканица што ќе биде добро како освестување за нас. Кога не се залагаме доволно на теренот тогаш можеме и да загубиме и од Занзибар. Сосема спротивно. Кога се залагаме, со нас проблеми имаат и Хрватска, и Франција, и… Кај играчите немаше желба, а одбраната која некогаш не красеше сега беше далеку“, коментираше Мојсовски.

Неговото размислување е дека Грците не совладаа со домашни играчи, а воедно ни одржаа и лекција за борбеност.

„Грците во својата репрезентација немаа ниту еден странец, а со играта која што ја прикажаа ни одржаа лекција и тоа не по ракомет туку по борбеност. Ќе мораме побрзо да се свестиме. Сите почнаа да играт ракомет. Ако се тресевме со Турција и Грција не знам што ќе биде со Јапонија. Мора да им се укаже на младите дека треба се свестат и да преземат одговорност. И тие што се во години, но и тие што се со стаж мора да седнат и да разговараат. Ние не сме држава од 200 милиони па да можеме да бираме од илјадници ракометари. Ние сме играле со една маица по година или две. Сега условите се неверојатни. Не може сè да се чека од Кире. Ако не му оди на Кире мора да има друг кој ќе преземе одговорност“, изјави легендата на македонската репрезентација на седницата на Управниот одбор.