НАПОЛНИВМЕ ПЕТ!

Како вчера да беше тоа августовско попладне, кога опиени од еуфоријата која се случуваше на неколку метри од нас, одлучивме да му дадеме посериозен медиумски простор на ракометот. Од тоа лето и тој струшки турнир поминаа шест години, а токму таму, во Струга, започна сè…

Започнавме скромно, ентузијастички, од љубов. Љубов спрема ракометот. Водени од иста идеја, се пронајдовме на ракометните терени, во новинарските ложи. Неполна година подоцна започна приказната на 24Ракомет. Стартувавме нов проект, нова страна, нова димензија во ракометниот свет…

Се менуваше ликот, се менуваа и членовите на нашето новинарско семејство. Низ текстовите на 24Ракомет се потпишани многу ракометни вљубеници, новинари, експерти, колумнисти. Созревавме низ годините, растеше редакцијата, се зголемуваше публиката.

Денес после 20 000 објавени текстови и повеќе од 12 000 000 прегледи, со посебна гордост можам да кажам НАПОЛНИВМЕ ПЕТ ГОДИНИ!

Ви благодарам за сите критики, сите пофалби и замерки, сите информации и корекции, ви благодарам што нè читате, што сте дел од нашиот свет, што нè мотивирате да чекориме понатаму. Ви благодарам што дозволивте да бидеме дел од вашето секојдневие.

Со почит,
Петар Шимлеша