Напишана нова историја: „Најомразениот“ тим во Македонија загуби после 42 години

На денот кога се навршија точно 17 години од титулата на Кометал Ѓорче Петров во Лигата на шампионите, екипата која остана запишана како една од „најомразените“ во Македонија (особено поради тоа што после случувањата против овој тим Македонија беше една година суспендирана од секакво играње на натпревари во европските купови и на домашен терен), Хипо денеска заврши една доминација која траеше ни помалку ни повеќе туку 42 години. После 42 титули на Хипо се најде тим кој ќе може да го победи, а тоа е составот на Ацгерздорф.

Ова е само третата екипа од Австрија која успеала да победи во првенството. До титулата дојде откако прво на домашен терен го совлада Хипо со 22:18, а денеска на реваншот во финалето загуби со 21:23 како гост кај Хипо. Со вкупни 43:41 составот на Ацгерздорф се најде на тронот и на тој начин го прекина доминирањето на тимот на Хипо.

Екипата против која Кометал Ѓорче Петров го загуби првото финале во Лигата на шампионите (КЕШ) во 2000 година, Хипо веќе неколку години не е тоа што беше во минатото. Го нема веќе ниту Гунар Прокоп, па и клубот не е на нивото од минатото. Оттаму и ова не е резултат кој е преголемо изненадување.