Нант е следниот тест за шампионот: Вардар знае како против француските тимови

Ракометарите на Вардар денеска ќе го одиграат првиот натпревар на домашен терен после освојувањето на титулата во Лигата на шампионите. Во Скопје доаѓа Кире Лазаров со своите нови колеги од Нант, па ова е голем предизвик за двата состави.

Лазаров неколкупати гостувал во Скопје и редовно успевал да освојува бодови против Вардар. Неговите тимови успевале да најдат решение да се радуваат, но овој пат Вардар е актуелен првак и нема да биде лесно да биде надигран. Вардар е подготвен за она што претстои, а тренерот Раул Гоналез многупати покажа како треба да се подготви тимот за ваквите дуели.

Пред мечот тој најави дека Нант има многу добри играчи и мора за сите да се најде противигра. Кога ќе се земе предвид фактот дека Вардар тргна одлично во новата сезона и има 4 од 4 во СЕХА-лигата, а победи и во првиот меч од Лигата на шампионите јасно е дека никој не може да се надева на бодови особено во Скопје.

Ракометарите на Нант се свесни за тоа дека во Скопје нема да имаат лесна задача. Тие се подготвени да играат во пеколна атмосфера, а тоа го потврдува и Давид Балагер, кој вели дека мора да бидат фокусирани на нивната игра.

„На ваквите натпревари е најважно да одиграте концентрирано и да се вратите со бодови. Исто така е важно тоа да се освојат поени на гостински терен. Изгледа многу тешко на хартија, но мора да се има предвид фактот дека се соочуваме со актуелниот првак и ќе биде навистина комплицирано да се игра. Ние мораме да бидеме фокусирани на нашата игра и да го одиграме она што сме го подготвиле. Знаеме дека не очекува пеколна атмосфера, но ќе мораме да бидеме концентрирани на играта и да не размислуваме за притисокот“, изјави Балагер.

Тимовите од Франција секогаш минувале лошо во Скопје. Тоа е знак дека Вардар има начин како да се избори за бодови и на овој дуел, па ќе биде интересно да се види како ќе течат работите денеска кога се игра 2. коло и кога се среќаваат две екипи коишто на стартот од сезоната забележаа победи.