Наместо преглед, доби допинг контрола!

Во вчерашниот натпревар во кој се сретнаа Русија и Шведска, голманот на руската репрезентација – Ана Седојкина заработи повреда на коленото по што мораше да го напушти теренот. Русинките го продолжија натпреварот со Викторија Калинина која беше одлична и запишаа нова победа 36-34, со која се искачија на првата позиција во групата Б.

На прес-конференцијата по натпреварот, запрашан за сериозноста на повредата на Ана Седојкина, помошник селекторот на Русија – Левон Акопјан изјави:

„Немаме информација колку е сериозна повредата на Седојкина. Веднаш по натпреварот таа беше изнесена од теренот и однесена на допинг-контрола“.

Информација за состојбата на Седојкина се уште нема но првичните информации од руска страна упатуваат на тоа дека рускиот чувар на мрежата најверојатно ќе го пропушти остатокот од Олимпискиот турнир.