Надежите на ЖРК Вардар се фокусираат на домашното првенство: Дунајварош продолжува во ЕХФ Купот

Спорскиот центар “Јане Сандански” беше домаќин на уште едно европско ракометно натпреварување. Во ЕХФ купот младите ракометарки на ЖРК Вардар 2 ја пречекаа екипата на Дунајварош во возвратниот дуел од третото коло.
Гостинките го искористија своето искуство и со почетна 3-0 серија го отворија вечерашниот натпревар. Ќерамитчиева го постигна првиот погодок за домаќинките за намалување на резултатот на 3-1. Младите вардарки им парираа на унгарките се до 22-та минута кога заостануваа само два гола 5-7. Бројните грешки во нападот, надополнети со добрите одбрани на гостинската голманка и одличната серија од 6-1 ги одведоа ракометарките на Дунајварош на пристојна предност од 13-6 за крај на првите 30 минути.
Второто полувреме започна со два гола едноподруго на гостинските ракометарки, а пеналот на Керамитчиева само за момент го запре налетот на унгарките. Се редеа грешки во нападот на вардарки, а Азари ги искористи сите шанси. Од 40-та минута “црвено-црните го загубија чекорот со Дунајварош, а гостинките само го засилија темпото, кое во 46-та минута им донесе највисоки 15 голови разлика, 9-24. Во последните 5 минути кога веќе беше познат победникот, Дунајварош го приведе натпреварот кон крај со конечен резултат 15-30.
По поразот на Вардар во Унгарија од 28-20, денес Дунајварош беше повторно поуспешен и продолжува понатаму во ЕХФ купот.
Најпрецизна во составот на ЖРК Вардар беше Керамитчиева со 8 голови, а одлична партија денес имаше и голманката Ладева која заврши со 11 одбрани. Во гостинскиот тим Булат постигна 5 голови.