МУ НЕМА РАМЕН: ВАРДАР ЈА ОСВОИ ПЕТТАТА ТИТУЛА ВО СЕХА!!!

Ракометарите на Вардар ја освоија својата петта титула во седмото финале од регионалната СЕХА лига, откако славеа над хрватскиот првак Загреб со 23-26. Овој натпревар не наликуваше на ниту еден од оние во Лигата на шампионите, но сепак на крајот победници повторно излегоа вардарци.

На стартот се играше гол за гол, но уште тогаш се виде дека ова ќе биде многу тежок натпревар за двете екипи. По десетина минути беше 4-4, пред Загреб преку Мраковчиќ и Мандиќ да стигне до највисоко водство, 7-4. Тоа беше причина за Парондо да повика тајм-аут, по што вардарци заиграа на едно ниво повисоко и израмнија на 7-7. Мораеш доби црвен картон, незаслужено, за еден обичен ракометен старт над Бичаниќ, а на шест минути до крајот на полувремето Вардар првпат поведе со 10-11. Двете екипи промашуваа во следните неколку напади.

Мандиќ требаше да добие црвен картон за стартот на Кристопанс, но доби само две минути, а битката се разгоре во финишот. Поточник несмасно стартуваше над Дисингер и Германецот заработи тешка повреда на раката, а словенечкиот интернационалец заработи црвен картон. На пауза се замина со водство за Вардар од 12-14.

На стартот на вториот дел, Загреб остана без Давид Мандиќ, кој заработи трето исклучување и црвен картон, но и покрај тоа стигна до реми, 14-14. Македонскиот тим преку Скубе и Кристопанс реализираше во голот на Ристановиќ и нашиот имаше плус три, 17-20 на десетина минути до крајот. Вардар имаше и плус пет, 19-24 и веќе беше јасно која екипа ќе го подигне големиот трофеј на СЕХА.

Хрватите намалија на 23-24 со серија од четири голови по ред, но Стоилов ја прифати одбиената топка по шутот на Кристопанс и погоди за 23-25. Милосављев му одбрани на Контрец, а Скубе погоди за победа 23-26 и нова титула во СЕХА.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Кристопанс со седум погодоци, Дибиров и Скубе со по пет, три постигна капитенот Стоилов, додека голманот Милосављев имаше седум интервенции, но скоро сите беа во чисти ситуации. Кај Загреб се истакнаа Мраковчиќ, кој даде четири и Влах со три погодоци.