Мукаетов со поддршка од сите клубови во Македонија

Редовното годишно собрание на РФМ го отвори претседателот Мукаетов, а веднаш по него збор зема претставникот на Тинекс Пролет, Ѓорги Огњановски кој истакна дека сите клубови во Македонија со свој потпис официјално застануваат зад претседателот. Тој предложи да се избрише ставката број 9 од дневниот ред, која предвивдува расправа околу оставката на претседателот на РФМ.

Откако беше изгласана довербата на досегашниот претседател,  Живко Мукаетов истакна:

Ја донесов таа одлука од принципиелни причини, по тоа што се случуваше во Гданск. Гледајќи дека имам поддршка и немам избор треба да ги засукаме ракавите и тимски да го подигнеме ракометот во Македонија на едно повисоко ниво. Сакам да се заблагодарам за поддршката и да ветам дека ќе работам напорно до крајот на мадатот.

Покрај претседателот беа потврдени позициите на сите раководни тела. Генерален секретар останува Филип Милошевски, а свои претставници на раководните позиции имаат и двата најголеми клубови во Македонија, Вардар и Металург.