Мукаетов: Ми беше срам од поразот во Грција, за Македонија се игра до последната капка пот

Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов на денешната седница на Управниот одбор имаше своја дискусија околу репрезентацијата на Македонија и тоа за натпреварите во Битола и Кожани, како и за она што следува во јануари во Германија и во Данска на Светското првенство.

„После средбата со Грција се чувствував посрамено. Беше лошо чувство да се оди по улица и луѓето да не обвинуваат за неуспехот. Ова беше голем срам. Од она што го видов имаше непочитување кон сопствената држава и кон федерацијата на таа средба. Дел од репрезентативците ќе мора да го сменат односот на кој се однесуваат во репрезентацијата. Тој однос е за секаква осуда, посебно кон националниот дрес“, коментираше Мукаетов.

Сепак, се прават напори за да се одработи најдобро што може во следниот период да се врати нивото и д асе биде максимално подготвен за Светското првенство.

„Во следниот период мораме сите да се мобилизираме и секој во својот дел да допринесе за репрезентацијата за во Германија да се појавиме како тим кој знае што сака и секој од играчите како поединец да покаже дека знае што сака. И на тој начин овој срам да го оставиме зад нас и да ги направиме горди нашите сограѓани. Порази се случуваат, но мора да има борба до последната капка пот кога е во прашање националниот тим“, изјави Муакетов.