Мукаетов: Задоволство е да се биде во федерација со ваква репрезентација

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов беше задоволен од постигнатото на дуелот против Грција и освојувањето на првото место во групата 3.

„Големо задоволство е да се биде дел од федерација со ваква репрезентација. Она што на почеток на квалификациите изгледаше многу тешко го исполнивме и одиме на Европското првенство како првопласирани во својата група и одиме како втори носители на шампионатот и да се надеваме со една ваква репрезентација која секогаш дава максимум да се надеваме на успеси“, рече Мукаетов.

Тој е задоволен и од фактот што Македонија полека внесува и млади играчи во тимот така што работите одат одлично во моментов.

„Ме радува тоа што во чекор се оди и натпревар со натпревар како што доаѓа младоста се спојува со искуството“.

Секако имаше и пофални зборови за резултатите кои се остварени од назначувањето на селекторот Данило Брестовац.

„Досега по процент Брестовац е најуспешниот македонски селектор со три победи и една нерешена средба“, изјави Мукаетов.