Мршуља: Во Македонија би играл само за Вардар или Металург

Долгодишниот член на Партизан, Игор Мршуља од оваа сезона е член на холандскиот Волендам. Неговиот тим беше елиминиран од македонскиот претставник во Купот на ЕХФ, но најдобар впечаток остави токму средниот бек Мршуља, кој е главниот „диригент“ во нападите на Волендам. Тој упати низа комплименти за публиката во Охрид.

„Пред себе би сакал да се заблагодарам на публиката, ова беше навистина ракометен празник во Охрид, јас и моите соиграчи уживавме да играме пред огромен број на луѓе, бидејќи не можеме тоа да го правиме во Холандија. Очекувавме тешки наптревари, скоро ист резултат на двата меча, мислам дека пресуди подолгата клупа на Охрид. Имаат повеќе бекови за ротација, ние бевме уморни и немавме добри замени.“ – вели Мршуља.

Србија и балканските простори ги замени со Холандија, земја во која машкиот ракомет од ден на ден се повеќе напредува.

„Јас отидов на проба неколку дена. Се работи за квалитетен клуб, се работи професионално, имаме девет тренинзи неделно, работиме на ниво на бундеслигашки тимови. Имаме едуциран стручен штаб. Сите ме прашуваат дали си нормален што замина таму, јас им велам дека треба да видат за да се уверат.“ – продолжува Мршуља.

Тој лани беше најдобар поединец во Партизан, имаше понуди од Швајцарија и од Шпанија, но сепак се реши да замине во Волендам.

„Имав понуди од два клуба, од Швајцарија и Шпанија, но сепак се решив да заминам во Холандија и според ова што го гледам досега мислам дека не погрешив. Од Македонија не сум добил понуди, но овде би играл само за Вардар и Металург.“ – заврши Мршуља.

По елиминацијата од европските купови, Волендам го очекуваат настапите во регионалната БЕНЕ Лига, каде заедно со водечките тимови од Белгија ќе се бори за шампионската титула.