Мразот не е скршен, Аргентина ги заледи кадетите во „Борис Трајковски“

Македонија стартуваше со пораз на Светското првенство во кадетска конкуренција откако денеска после одлично прво полувреме во вторите 30 минути ракометарите потфрлија и останаа без бодови кои сите ги очекуваа. Аргентина ја имаше прочитано играта на Македонија и успеа да го запре Серафимов, кој имаше премногу лоша партија, а успеа да ги казни сите пропусти во одбраната. Конечните 20:23 покажаа дека ова ќе биде премногу тежок шампионат на кој Македонија ќе има многу тешка задача да го оствари посакуваното.

Почетокот на средбата мина во неколкуминутна игра гол за гол, а потоа следуваше подобра игра од страна на Македонија и брзо обезбедување на предност од 6:3. Оваа позитива, сепак, беше загубена за неколку минути и Аргентина се врати и израмни на 6:6. Сепак, тука одново Македонија успеа да наметне свој ритам на игра. Дојде до позитива од два гола, а истата до крајот на првото полувреме постепено ја зголемуваше.

До крајот на првиот дел од мечот дојде до зголемување на водството и на одмор се замина со највисоките четири гола до тој момент од 13:9.

Вториот дел почна добро за Македонија. Успеа да ги задржи четирите гола предност до 40. минута, а потоа следуваа осум минути во кои немаше ниту еден погодок. Македонија ги загуби четирите гола позитива во 48 минута кога беше израмнето на 16:16, а потоа две минути подоцна противникот отиде на гол предност од 18:17.

Водството беше вратено во 52. минута кога Македонија се избори за 19:18, но на четири минути до крајот резултатот беше нерешен. И понатаму премногу лесно противникот успеваше да дојде до удари од седум метри кои судиите од Унгарија ги доделуваа како од шега. Аргентинците речиси и да не можеа да постигнат гол од игра, но затоа одлично ги видоа слабостите во одбраната на Македонија и одеа на шутеви на шест метри и добиваа удари од седум метри.

На крајот дури Аргентина стигна и до победа од три гола од 23:20 со што ја „нокаутираше“ Македонија на стартот и сега е на селекторот да ги врати момците во потребниот ритам.

МАКЕДОНИЈА – АРГЕНТИНА   20:23 (13:9)

Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 1500. Судии: Адам Биро и Оливер Кис од Унгарија. Делегати: Јалатима Кулибали од БС Коска, Цезар Кастиљо од Велика Британија и Гарсија Францис од Франција.

МАКЕДОНИЈА: Кизиќ (9 одб.), Петковски, Кондев 1/2, Џигероски 1/1, Мелоски, Ќосевски 1/2, Божиновски 1/1, Митиќ, Карапалевски 1/2, Каковски, Симоноски 2/4, Серафимов 4/15, Костески 6/6, Младеновиќ 3/7, Ников, Ѓорѓиев, Петковски.

Седмерци: 5/8, Исклучувања: 12 мин.

АРГЕНТИНА: Виљареал (11 одб., 2 сед.), Васкез Палмиери (1 сед.), Аравена 4/5, Барсело Гарсија 7/8, Парз Аларкон 0/1, Форти 2/4, Баумгартнер, Елст 2/2, Фиљол 0/1, Паулони 1/2, Иглесијас, Јунг 1/4, Сантос 1/2, Узнер 1/5, Барсело 2/3, Витаљер Павичич 2/3.

Седмерци: 5/8, Исклучувања: 8 мин.