МОЈСОСКИ: РАБОТНИЧКИ ВНЕСУВА НОВА СВЕЖИНА ВО МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ

Екипата на Работнички која со сосема нова раководна и играчка структура ја започнува сезоната 2015/2016, од утре и официјално ги стартува подготовките. Првиот тренинг романтичарите ќе го одржат на фудбалскиот терен на ФК Работнички во Градски Парк, а на истиот управата на клубот ќе ја запознае јавноста со составот, амбициите и идните планови на Работнички. По тренинзите во Скопје, клубот на 12 август заминува во Маврово каде ќе ја одработи втората тренинг фаза.
24Ракомет пред првиот тренинг на екипата од Градски Парк разговараше со капитенот Златко Мојсоски, кој говореше за новиот проект, причината поради која се решил да дојде во клубот, како и амбициите на Работнички за престојната сезона.
ПОВТОРНО ВО СКОПЈЕ, ОВОЈ ПАТ ВО РАБОТНИЧКИ.. КАКВИ СЕ ВАШИТЕ ИМПРЕСИИ ОД НОВИОТ ПРОЕКТ?

МОЈСОСКИ: ” Ми се допаѓа проектот, група на ентузијасти поранешни ракометари и тренери на Металург, добро се познаваме и со поранешниот претседател на Металург, Ристо Чокрев така да можам слободно да кажам дека ми се допаѓа и се надевам дека ќе внесеме одредена свежина и ќе направиме нешто добро за македонскиот ракомет.”

КОЈА БЕШЕ ПРИЧИНАТА ДА СЕ ОДЛУЧИТЕ ЗА РАБОТНИЧКИ?

МОЈСОСКИ: ” Како што споменав и претходно групата на луѓе која ќе го води клубот со која имам работено и порано и во која имам голема доверба. Постигнавме договор буквално за пет минути, ми се допаѓа бидејки ова е македонски проект во најстариот клуб во државата, но со нова амбиција и тоа се клучните работи кои беа пресудни за моето преминување во Работнички.”

МАКЕДОНСКИТЕ КЛУБОВИ ИМАА ИНТЕРЕСНО ТРАНФЕР ЛЕТО, ОДРЕДЕНИ ЕКИПИ  СЕ ЗАСИЛИЈА ЗА ПРЕСТОЈНАТА СЕЗОНА,КАКО ВИЕ ЈА ГЛЕДАТЕ НАРЕДНАТА СЕЗОНА?

МОЈСОСКИ: ” Освен Вардар, мислам дека останатите екипи ќе водат неизвесна борба во македонското првенство. Нема како порано борбата да биде само помеѓу Металург и Вардар. Вардар го издвојувам како апсолутен фаворит, видовме какви ракометари донесе во преодниот рок, мислам дека ќе играат на Фајнл-Фор оваа година и им посакувам се најдобро. Доста интересна и неизвесна ќе биде борбата за останатите четири места и баш ме радува што првенството оваа година ќе ја има таа неизвесна нота.”

DSC_3018-2

КАДЕ ГО ГЛЕДАТЕ РАБОТНИЧКИ ВО ПРЕСТОЈНАТА СЕЗОНА?

МОЈСОСКИ: ” Нашата прва цел е да составиме екипа пред сè со македонски ракометари, па ќе одиме чекор по чекор. Амбициите се првенствено да влеземе во ТОП 6 плеј-оф , па со уште едно до две засилувања во зимскиот преоден рок мислам дека екипата ќе се бори за едно од местата кои водат во Европа.”

КОИ ЕКИПИ ГИ СМЕТАТЕ ЗА НАЈГОЛЕМИ КОНКУРЕНТИ НА РАБОТНИЧКИ?

МОЈСОСКИ: ” Со доаѓањето на браќата Марковски, Мите Стоилов, ние добивме многу во фазата на одбраната, се надевам дека и Вугринец ќе ни се придружи и со таа екипа имаме капацитет да атакуваме на втората или третата позиција што мислам дека е и реална прогноза.”

СО ДОБАР ДЕЛ ОД ТВОИТЕ ИДНИ СОИГРАЧИ ИМАШ НАСТАПУВАНО, КОЛКУ ТОА Е ПРЕДНОСТ ЗА НОВ КЛУБ КАКО РАБОТНИЧКИ?

МОЈСОСКИ: ” Токму тоа беше и целта во моментите на создавањето на оваа нова екипа. Многу важен момент е што голем дел од ракометарите се познаваме, еве и со Мите Стоилов настапуваме заедно пред некоја година така што мислам дека тоа ќе биде еден голем плус за екипата”.