Мојсоски: Оваа генерација покажа дека со сите може да се носи, па зашто да не и со Франција!

Селекцијата предводена од Ивица Обрван по двата нерешени натпревари во Словенија, во Скопје ја забележа првата победа против Црна Гора. Македонија со проверени сили надополнета со новата надеж на македонскиот ракомет ќе атакува на втората фаза од Европското првенство во Полска.

Еден од поискусните ракометари во составот на Македонија, Наумче Мојсоски задоволен од прикажаната игра и покрај тоа што Македонија испробуваше нови варијанти. истакна дека победата е само мотив повеќе.

МОЈСОСКИ:Одигравме солидно, на почеток на првиот дел одбраната ни правеше проблеми, а тоа донесе повеќе шанси за противничкиот напад. Испробавме повеќе варијанти, но добро е што победивме. Се надевам дека ќе продолжиме квалитетно и добро и со поцрврста одбрана. 

Наумче Мојсоски е повратник во репрезентацијата, откако селекторот Обрван одлучи да не го повика за натпреварите од ЕХФ неделата на почетокот на ноември. Веднаш потоа Мојсоски потпиша со ЦСМ Букурешт, и полека се враќа во натпреварувачка форма.

МОЈСОСКИ: Не ме радува фактот како одиграв денеска, но од тоа што го прикажав во Словенија сум задоволен. Сè уште имам проблеми со повредата од Словенија, имам главоболки, но сè надевам дека се ќе биде добро понатаму.

Македонија својот прв натпревар во Краков ќе го одигра на 15 јануари, a противник е актуелниот шампион Франција. Реномето на Франција доволно говори за противникот, а за првиот дуел во Полска, централниот бек на македонската репрезентација вели:

МОЈСОСКИ: Имаме малку потешки противници во првата фаза. Ќе биде тешко против Франција која иако беше поразена од Катар, ја демонстрираше својата сила со Данска денес. Сепак оваа генерација покажа дека со сите може да се носи, па зашто да не и со Франција.