Мојсовски: Се надевам дека дечките кои доаѓаат ќе го продолжат тој континуитет

Победа за точка на уште една успешна македонска приказна. По речиси две децении поминати во „црвено-жолтите“ бои од репрезентативниот дрес вечерва се прости Наумче Мојсовски. Натпревар каков што само можеше да се посака за крај на една ракометна ера во која главната улога ја имаа Мојсовски и Миркуловски. Едниот го започна другиот го заврши мечот со гол, во огромната победа против репрезентацијата на Чешка. Малкумина веруваа дека играта која ја прикажа Македонија од почетокот на годинава може да обезбеди билет за нов голем собир, но Мојсовски веруваше и прогнозираше точен резултат кој за волја на вистината дојде на десет минути пред крајот. Затоа по мечот популарниот Мојсо пред медиумите се заблагодари за поддршката и посака следните генерации да го надоградат сиот труд кој го создаваа со својот репрезентативен колега.

Наумче Мојсоски, репрезентација на Македонија:

Благодариме за огромната поддршка не се сомневаме дека ќе биде полна салата. Не следеше еден малер во изминативе неколку години, еден дел од тоа проклетство денес е покриенo со пласман на СП. Оваа генерација заслужи поголеми успеси, но доаѓаат генерации по нас кои заслужуваат да играат на големи првенства. Јас пред 18 години за прв пат настапив на еден голем, официјален натпревар за Македонија, бевме млади и неискусни дечки за да против квалитетниот Исланд се случи таа кулминација и еуфорија која следеше, се надевам дека дечките кои доаѓаат ќе го продолжат тој континуитет. Мислам дека повеќе се радувавме отколку што тажевме, мислам дека спортот и ракометот даде една насмевка на нашиот народ во овој тежок период кој го живееме. Мислам дека со Филип Миркуловски дадовме многу за Македонија и оваа репрезентација.

Имаше измешани чувства по натпреварот во Злин, но во себе потајно се надевавме дека ова генерација може и знае повеќе. Се договоривме со „Жути“ да ги мотивираме малку повеќе соиграчите бидејќи ни е последен натпревар. Покажавме дека оваа генерација може уште, не ние, но тие што остануваат  и се надевам дека ќе го наследат и надградат она што го создадовме.