Мотор пропушти шут за победа, трилер меч во Москва, Силкеборг со цел плен од Шафхаузен

Украинскиот првак Мотор Запорожје не успеа да ја продолжи победничката низа на домашен терен. Иако лани не загуби ниеден бод дома, сепак сезонава ја отвори со реми против францускиот Нант, 26:26, иако имаше шут за победа, кој Шелменко не го реализираше.

Новото засилување од Кил, Доминик Клајн беше во центарот на вниманието во првиот дел, кога му донесе предност од 8:5 на Нант по првите 15 минути од мечот, додека Барис Пуховски доминираше во домашниот тим и имаше 4 од 4 во првиот дел кој заврши во корист на гостите кои водеа со 16:15.

Домашните тргнаа силовите во вториот дел и поведоа со 20:17, но Клајн во 40 минута донесе реми, 20:20. По 22:22, до крајот се играше гол за гол, и ниту една од екипите не поведе со два гола разлика. Мотор беше тој што водеше со 26:25, но Турнат го израмни резултатот на 37 секунди до крајот, за прв бод на Нат во Лигата на шампионите воопшто. Најдобар стрелец кај домашните беше Жуков со 5 голови, а Кубатко, Каралаш и Пуховски дадоа по 4, додека кај Нант се истакна Клајн со 8 голови.

Во групата Ц, каде ќе игра и Металург, драматичен меч се одигра и во Москва, каде Чеховски Медведи и Ла Риоха одиграа нерешено 28:28. Шпанците беа тие што го диктираа темпото во првиот дел и водеа најчесто со 2 или 3 голови разлика, за на пауза да заминат со предност од 16:14.

Домашните тргнаа силовито во вториот дел стигнаа до 19:19. Ла Риоха промаши пенал, а пикерот Рубио заработи повреда, па Медведи стигнаа и до предност највисока за нив, 22:19, по што помислија дека победата е обезбедена. Ракометарите беа премногу нервозни во финишот и правеа грешки. Ниеден тим не направи предност поголема од два гола разлика.

Медведи може да жалат што во овој период не искористија два пенали, преку Ковалев и Куретков, односно голманот Капелин им ги одбрани. Во 54 минута беше 27:27, а за шест минути до крајот само уште по еден гол за конечни 28:28, иако Ла Риоха имаше последен обид за победа, но Качеда промаши. Кај домашниот тим се истакнаа Котов и Санталов со по 6 голови, а кај Ла Риоха најдобар беше Лангаро со 5.

Во Швајцарија имаше мини изненадување со победата на Силкеборг над Кадетен со 25:24, иако домашните водеа во поголем дел од мечот. На паузата Кадетен замина со предност од 12:10, но на стартот на вториот дел таа беше анулирана и Силкеборг стигна до 16:16. Серијата од 5:0 на данскиот клуб, со која стигнаа до 20:16, беше клучниот момент на мечот. До крајот домашните ја бркаа предноста, но стигнаа само до минимален пораз. Хансен даде 7, Маркусен и Скубе по 5 голови за Силкеборг, додека 11 голови на Часар беа премалку за Кадетен да дојде до победа.