Мораеш: Никој не веруваше во нас, но го направивме невозможното

Рожерио Мораеш имаше перфектна партија во финалето против Веспрем и во напад и во одбрана. Во клучните моменти сигурно реализираше од линијата од шест метри и постигна вкупно шест гола од шест обиди. Со новата круна воедно и си го запиша своето име во историјата бидејќи стана првиот Бразилец кој двапати се искачил на тронот.

По завршувањето на натпреварот Мораеш ги сподели впечатоците од натпреварот.

„Никој во Македонија не веруваше во нас на почетокот на сезоната. Имавме многу промени во тимот, нов тренер, многу играчи си заминаа, многу нови играчи дојдоа. Имаше проблеми во клубот сите го знаеме тоа. Сè беше многу тешко за нас. Игравме, немавме притисок мислевме дека дадовме максимум бидејќи игравме без притисок. Го направивме невозможното сезонава и станавме шампиони на Европа. Не беше важно тоа што следната сезона заминувам во Веспрем. Се подготвував за овој натпревар како и за секој друг, јас сум професионалец тоа е мојата работа, имам договор со Вардар до крај на сезонава. Мислам дека му помогнав на мојот тим денеска и одиграв најдобро што можам. Многу сме среќни што победивме повторно на завршниот турнир. Јас сум единствениот Бразилец кој двапати ја има освоено титулата во Лигата на шампионите“, изјави Рожерио Мораеш.

Рожерио Мораеш по крајот на сезонава го напушта Вардар и преминува во противникот од финалето Веспрем.