Монпелје ќе остане без капитен, Гигу во Бундеслига?

Францускиот репрезентативец и капитен на Монпелје, Микел Гигу многу веројатно следната сезона ќе носи бои на друг клуб. Договорот на крилниот играч со управата на францускиот вицепрвак завршува на крај на оваа сезона, а преговорите околу евентуалното продолжување не течат според планот на 33-годишниот ракометар.
Според француските медиуми, Гигу веќе контактирал со еден од најдобрите ракометни агенти, Андреј Голиќ и веќе има понуда од странски клубови.
Истовремено Рајн Некар Ловен, ќе остане без услугите на својот капитен Уве Генсхајмер на крај на оваа сезона, па германскиот вицепрвак веќе е во потрага по негова соодветна замена, која веројатно ја гледаат во искусниот Гигу. Освен понудата од Германија на адресата на Гигу пристигнале и други понуди, но доколку во наредниот период нема договор со Монпелје, како најсериозна опција за искусното крило ќе биде Бундеслигата или богатите клубови во Катар.