Монпелје го прегази шпанскиот вицепрвак, Сегед ги задржа бодовите дома

На денешната програма од Лигата на шампионите во фокусот беше натпреварот меѓу Вардар и Рајн Некар Ловен кој го добија гостите со резултат 26-29 (15-15). Но покрај овој дуел на програмата беа уште четири натпревари во кои доминираа домаќините.

Во Харков, украинскиот првак Мотор Запорожје го совлада составот на Динамо Букурешт со резултат 35-27 (19-10). Домаќините по воведните 4-0 постојано беа во водство кое се искачи до високи десет погодоци разлика (19-9) на четири минути до паузата, на која двете екипи заминаа со девет голови предност за Мотор. Вториот дел беше само формалност.Украинците ја одржуваа предноста на десет голови во текот на целиот втор дел за на крај да дозволат противникот да намали на конечни 35-27. Најпрецизни во составот на Мотор беа Пуховски со 8 и Сорока со 6 погодоци, кај гостинските ракометари најрасположен беше Сајад Естеки со 11 погодоци, неговиот брат Алахкарам постигна 6 во поразот на Динамо.

На табелата во група Д Мотор Запорожје се искачи на втората позиција со 11 бодови исто колку и првопласираниот Нант кој има натпревар помалку. Динамо Букурешт останува со 6 бодови на четвртата позиција.

Од групата Б се одигра уште еден дуел во кој домаќинот Пик Сегед беше поуспешен од Кристијанштад со резултат 33-27 (20-17). Неизвесноста траеше пет минути по кои унгарскиот вицепрвак успеа да создаде пристојна предност која во 15 минута изнесуваше високи +5 (12-7). Сепак првиот дел го одбележаа трите погодоци разлика, водство со кое заеврши и првиот дел(20-17). На почетокот на вториот дел, домаќините го контролираа резултатот, а така беше се до 47та минута кога Кристијанштад намали на само еден гол разлика. Но тоа беше се што сторија гостинските ракометари, Сегед веднаш возврати и ја достигна највисоката разлика на овој дуел, која му овозможи рутинска завршница со конечни 33-27. Најпрецизен на теренот беше Габер со шест, додека Горбок и Баниди го следеа со по пет погодоци. Во поразениот тим Липовац беше стрелец на шест голови, додека Моен Нилсен, Соренсен и Толбринг постигнаа по 4 голови.

Во групата Б лидер и понатаму останува Вардар, но Рајн Некар и Сегед се веднаш зад него со само еден бод помалку додека четвртопласираниот Киелце веќе утре има можност да се врати на врвот на табелата.

Во Монпелје се одигра дербито на групата Ц, каде домаќинот составот на Монпелје го прегази шпанскиот вицепрвак Ла Риоха со резултат 37-27 (19-11). Победата на францускиот тим во ниту еден момент не беше доведена во прашање. Домаќините имаа постојано предност која бргу ја надмина границата од пет погодоци. Метју Гребил го предводеше нападот на Монпелје со 10 голови, додека Фаустин постигна 5. Кај гостите најмногу се истакна Фернандез со 8 голови, а Хисам Санад постигна 5.

Во изедначената група Ц до последното коло нема да се знае вториот патник во следната фаза, откако Монплеје со овој убедлив триумф се зацврсти на првото место со 12 бодови. Ла Риоха е втора со 9 бодови, Елверум има 7, а веднаш зад него со еден натпревар помалку и 6 бодови се Металург и Татран.

Откако Кадењас замина од кормилото на Висла Плоцк, полскиот вицепрвак бележи променливи резултати. Така на гостувањето кај Кадетен Шафхаузен, полските ракометари загубија со конечни 27-25, иако по првиот дел имале предност од 12-14. Гостите во првиот дел имале предност и од четири голови, а до полувремето швајцарскиот претставник ја преполови разликата за конечни 12-14. Пет минути во вториот дел беа потребни за првото изедначување на натпреварот, а изедначената игра им донесе предност на домаќините во 44 минута. Првите два погодока разлика беа дело на Меистер (23-21 54′), а на три минути до крај на натпреварот швајцарците имаа четири голови предност за 27-23 и почеток на прославата. До крајот на натпреварот ракометарите на Висла намалија два гола од високата разлика за конечни 27-25. Најпрецизен на дуелот беше Часар со 8 голови, додека Делхес и Пендиќ постигнаа по 4 за составот на Кадетен Шафхаузен. Кај поразениот тим најрасположен беше Житников со 5 погодоци, а Дуарте и Тарабокиа постигнаа по 4.

На табелата во група А Кадетен со оваа победа ги забележа првите бодови оваа сезона и се уште е на последното место во групата, додека Висла Плоцк е на шестата позиција со 5 бодови еден повеќе од Силкеборг, но и натпревар повеќе.