Молк во Скандинавиум арената: Домаќинот на колена пред Холандија!

Бронзената репрезентација од последното Европско првенство – Шведска со натпреварот против Холандија ја започна главната фаза. Изедначен беше борбата во првиот дел, а Холанѓанките влегоа со позитива од три погодоци во поледните пет минути од дуелот кои успеаа да ги одржат до крајот за триумф со резултат 33-30.

Полман го постигна првиот погодок за Холандија, но на спротивната страна брзо возврати Алм. Се играше гол за гол во текот на целото полувреме, а одлична на теренот беше чуварот на мрежата на Холанѓанките – Тес Вестер која не дозволи домашните ракометарки да ја превземат иницијативата во натпреварот. Во таборот на Шведска- Гулден одигра одлично во првиот дел во кој постигна пет погодоци, а Гроот на спротивната страна имаше четири и ја однесе својата репрезентација на полувреме со минимална позитива 13-14.

Повторно Полман беше стрелец на првиот погодок во вториот дел, а Гулден брзо возврати на спротивната страна. Брош и донесе позитива од три погодоци на Холандија во 36та минута што беше и највисоко водство во натпреварот, но Шведска за само четири минути повторно намали само на еден погодок 22-21. Холандија влезе со позитива од два погодока во последните десетина минути од дуелот, а Брош се погрижи да и донесе плус три на својата репрезентација во 54та минута. Составот на Сигнел немаше сили да го сврти резултатот во своја полза и му дозволи на подобриот противник да триумфира во полната Скандинавиум арена со резултат 33-30.

Најдобар стрелец во таборот на домашната репрезентација беше Гулден со 8, додека кај Холанѓанките Гроот постигна 7.