Може ли Палмарсон да се „спаси“ на грбот на Вулф: Веспрем и Кил пред трансфер зделака вредна 2.6 милиони евра?!

Според ракометниот портал „Светот на ракометот“ ова лето се очекува да го заокружи највисоката сума за еден ракометен трансфер. Според менаџерите на голманот на германската репрезентација Андреас Вулф, Веспрем е подготвен да плати рекордни 2.6 милиони евра да го доведе во своите редови од составот на Кил. Германскиот репрезентативец пристигна во германскиот ракометен гигант минатата година, но не го пронајде своето место во првиот тим, бидејќи прва опција на голот на Кил е данскиот репрезентативец Никлас Ландин.

Вулф има договор со „зебрите“ до 2019 година, а на почетокот на ова лето одби да го продолжи престојот во Кил со нов договор, по што беше јасно дека Германецот не е задоволен од сегашниот третман. Од друга страна во обид да дојде до првата титула во Лигата на шампионите, амбициозниот унгарски првак Веспрем, не штедеше пари оваа сезона, која ја започнува и со еден од најдобрите ракометни стратези Љубомир Врањеш. Раскинот на договорот меѓу Врањеш и Фленсбург го чинеше Веспрем 800000 евра.

Се чини дека токму Врањеш е човекот кој по секоја цена сака да донесе екстраквалитетен голман кој ќе замени еден од двајцата солидни чувари на мрежата на Веспрем, Мирко Алиловиќ или Роланд Милкер. Веспрем на почетокот на ова лето постави висока трансфер сума за услугите на централниот бек Арон Палмарсон, која според шпанските медиуми се движи во границите на милион евра. Управата на Кил очајно се обидува да најде екстраквалитетен бек кој би го водел составот на „зебрите“ низ Бундеслигата и Лигата на шампионите, а по скандалот со Палмарсон токму Германците беа меѓу првите кои изразија подготвеност да платат оштета за исланѓанецот да помине една сезона во Кил. Домагој Дувњак е повреден и се опоравува по операцијата на коленото, а неговата замена Миха Зарабаец не е доволно искусен да го понесе товарот на екипа како Кил. Дали токму Палмарсон ќе се „спаси“ од суспензија и ќе може да ја одржува формата и оваа година или Веспрем е подготвен да издвои неверојатна сума за да го донесе германскиот голман во своите редови ќе биде појасно во наредниот период.

Доколку се реализира овој трансфер според првичната сума за обештетување, ќе стане највисок финансиски надомест за еден ракометар во историјата на овој спорт. До сега, таа титула беше во сопственост на ПСЖ и Никола Карабатиќ. Францускиот првак за услугите на централниот бек и исплати на Барселона 1,8 минилони евра за раскин на договорот. Карабатиќ во ПСЖ заработува околу 500000 евра годишно.