Можат и без најдобрите: Црна Гора во драматичен финиш подобра од Чешка

Иако играат без дел од најдобрите, репрезентативките на Црна Гора покажаа дека добро одиграниот меч против Данска не бил само моментален блесок. Избраничките на Драган Аџиќ ја победија селекцијата на Чешка со 28:27 во натпреварот од второто коло на ЕП во Шведска и ги направија реалност, шансите за пласман во втората фаза.

Чешка го отвори дуелот со погодок, но ракометарката на Вардар, која во македонскиот тим има главно дефанзивни задачи, постигна 3 гола во серија, па Црна Гора го презема водството со 3:1. Уште една поранешна вардарка, Итана Грбиќ, постигна гол за 6:3, но чешките ракометарки се вртија во мечот и израмнија на 7:7. Беше и 8:8, а Ивета Лузумова со 2 гола во серија ја доведе Чешка во водство од 10:8. Откако избраничките на Ациќ стигнаа до 11:11, беше и 12:12, а на пауза се замина со предност за Црна Гора со 13:12, откако Јауковиќ погоди буквално на истекот на времето.

Црногорките стигнаа до највисоките три гола разлика, 15:12, а имаа и  16:13, па 17:14. Чешка успеа да ја стабилизира играта и успеа да намали на 19:18, а потоа се играше и гол за гол, со тоа што Црногорките почнаа почесто да грешат. Како-така успеваа да одржуваат еден до два гола водство. Сепак Чешка покажа дека победата над фаворитот во Унгарија во првото коло не била случајна и се врати во дуелот и израмни на 23:23, а имаше и 24:24. Но двете грешки во нападот беа доволни за Црна Гора и со играч помалку да казни преку Рамушовиќ и Мехмедовиќ за 26:24.

Кнедликова промаши за реми при 27:26, а на спротивната страна Мехмедовиќ зголеми на 28:26 за Црна Гора. Иако Јауковиќ беше исклучена, сепак голманката Рајчиќ ги спречи последните обиди на Чешка да се врати во мечот, откако ги одбрани ударите на Кнедликова и Лузумова. Откако згреши Кликовац, а Премовиќ заработи непотребни две минути, Вероника Мала погоди за 28:27 и неизвесен финиш. На 13 секунди до крајот Јауковиќ промаши, а чешкиот селектор викна тајм-аут. Сепак неговите избранички не успеаја да упатат конкретен удар кон голот на Рајчиќ, а последниот обид на Јерабкова беше лесен плен за блокот и победата остана за Црна Гора.

Најдобри кај Црна Гора беа Мехмедовиќ и Јауковиќ со по 7 голови, додека Кликовац даде 3 гола. Во чешката селекција се истакна крилото Михаела Хрбкова со 6 голови.