Младост од Богданци има уште време за да реши дали ќе игра во Супер лигата

Екипата на Младост од Богданци има уште неколку дена за да одлучи во која лига ќе се натпреварува во сезоната 2017/2018. Во РФМ при ждрепката за Супер лигата го извлекоа меѓу десетте состави коишто ќе се натпреваруваат во најсилната лига и ќе разигруваат за четирите места кои водат во плеј-оф групата, но ситуацијата во клубот е таква што и понатаму владее неизвесност.

Со оглед на тоа што Супер лигата стартува в сабота тимот има можност викендов да се појави на терен и да почне со игрите во најсилната лига на Македонија. Доколку не се случи тоа тогаш Младост ќе треба да се изјасни дали ќе се натпреварува во Првата лига.

Според актуелната ситуација Супер лигата брои десет екипи, додека во Првата лига има 13. Доколку Младост остане кај суперлигашите нема да има никакви промени. Во спротивно Супер лигата ќе остане со девет, а Првата лига ќе има 14 клуба.