Младост Богданци лесно се справи со Куманово

Младост Богданци останува при врвот од табелата во плеј-аут конкуренцијата со победата над Куманово. На дуелот со кумановци немаа проблеми да слават нова убедлива победа со 38:24 во борба за првата позиција.

Победникот на натпреварот беше познат многу рано, Младост лесно ја обезбеди победата против комбинираниот состав на Куманово во кој добија шанса помладите ракометари. 14-годишните Јован Даневски, Марко Марковски и Бојан Цветковски имаа забележителна минутажа и се запишаа во листата на стрелци. На полувреме Младост Богданци отиде со предност 20:14.

Второто полувреме припадна во целост на домашниот тим, предноста постојано растеше и до крајот на мечот стигна до високи 14 гола. Младост има бод помалку од Астраион и натпревар помалку што им дава шанси на крајот од сезоната да завршат на првата позиција.

Најзаслужни за победата на составот од Богданци беа Никола Роглев и Митко Стоилов кои постигнаа по шест гола. Во екипата на Куманово повторно најефикасен беше Новица Денковски со осум реализации.