Младите металурзи не се предаваат, останаа во трка за врвот

Ракометарите од вториот тим на Металург одработија добар натпревар против Вардар Неготино и на свој терен се изборија за победа од 34:30 со што се вратија на ист број на бодови како и составите на Јуниор Кисела вода и Работнички.

Младите металурзи ја оправдаа улогата на фаворити на овој меч и без поголеми проблеми стигнаа до триумф. Тие водеа во текот на целата средба, а откако уште рано дојдоа до плус пет и поведоа со 8:3 успеаја да ја задржат оваа предност до крајот на првото полувреме.

На одмор Металург 2 замина со 18:13, а потоа во продолжението од средбата ова водство беше чувано без поголеми проблеми. Гостите од Неготино не можеа да се доближат и да ја загрозат победата, па на крајот Металург 2 успеа да се израдува.

Со оглед на тоа што и Работнички го совлада тимот на Јуниор овие две екипи заедно со Металург 2 сега имаат по 15 бода што значи дека во вториот дел од сезоната во плеј-оф лигата ќе има уште поголеми возбудувања.

МЕТАЛУРГ 2 – ВАРДАР НЕГОТИНО       34:30 (18:13)

Сала: Автокоманда во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Цане Куртовиќ од Скопје.

МЕТАЛУРГ 2: Василевски, Божиновски, Мијатовиќ, Михајлов 2, Кондев 7, Кофилоски 4, Гошевски, Митиќ 2, Ристовски 7, Серафимов, Л. Додиќ 1, Гогов 1, Прцуловски, Младеновиќ 4, С. Додиќ 5, Гајиќ 1.

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 4 мин.

ВАРДАР НЕГОТИНО: Јанев, Ташев 5, Ристовски 4, Кузманов 2, Ивановски, Трајковски 5, Јакимовски 2, Арсов, Велков 1, Стаменов, Окардов 5, Недевски, Коцев 5, Којев, Вељанов 1, Паланков.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 8 мин.