Младите металурзи не простуваат: Елверум нова жртва на „забревтаниот“ Металург!

Во третиот натпревар од овогодинешното издание на ЕХФ Лигата на шампионите, Металург стигна до втората победа. Жртва на четата на Червар беше норвешки Елверум кој со пораз од 22-19(10-12) си замина од арената Борис Трајковски. Норвежаните имаа водство по првите триесетина минути, но со серија од 7-2 на почетокот на вториот дел металурзите го вратија водството кое успеаа да го одржат до самиот крај за втора победа во ЕХФ Велукс Лигата на шампионите.

EHFcl-Metalurg-Elverum-3311

МЕТАЛУРГ-ЕЛВЕРУМ 22-19 (10-12)

Јанко Божовиќ погоди со удар од девет метри за водство на Металург од 1-0,а на спротивната страна возврати Оверби за 1-1. Фокусот на норвешката одбрана беше насочен кон Јанко Божовиќ, а во нападот најчесто пробиваа на линијата од шест метри што се покажа како вистински потег за водство од 2-4 во 13.минута. Металург одговори со игра преку Пешевски на линијата од шест метри, кој во комбинација со Божовиќ беше иницијатор на серијата од 4-0, по која тимот од Автокоманда по погодокот на Мраковчиќ се врати во водство од 6-4 во 18. минута. Меѓутоа скандинавците продолжија со брзата и дисциплинирана игра, а на голот го имаа извонредниот Нергард кој ги запре сите налети на Металург. Најпрво Линдбое донесе ново израмнување од 7-7, а во следниот напад Буруд го врати Елверум во водство од 7-8. Во последните десетина минути норвежаните ја одржуваа минималната позитива која со погодокот на Стегавик во последната минута изнесуваше 10-12 по триесет минути игра.

EHFcl-Metalurg-Elverum-3409

Металург со фантастична серија од 7-2 го отвори вториот дел и благодарение на налетот на младите Костевски, Маџовски и Мраковчиќ комплетно го сврте резултатот во своја полза за водство од 17-14 во 42.минута. Плаво-белите продолжија со одличната игра, а Матиќ со два важни гола ја одржуваше сигурната позитива. Дупјанчанец бранеше одлично во клучните моменти, а Матиќ со својот трет погодок ги донесе највисоките +5, 22-17 на минута до крајот. Гостите на крајот успеаа да го ублажат поразот за конечни 22-19 и втора победа на Металург во Лигата на шампионите.

EHFcl(37)-Metalurg-Elverum-3311

Најпрецизни во составот на Металург беа Божовиќ со шест и Мраковчиќ со четири постигнати погодоци. Во гостинската екипа најрасположен за игра беше Митровиќ со шест постигнати погодоци.

Следниот викенд Металург (11.10) Металург гостува во Данска на екипата на Скјерн.

ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ