Младинците го запишаа првиот пораз на мундијалот: Тунис „ноќна мора“ за Македонија

По воведните две победи на Светското младинско првенство, Македонија забележа прв пораз. Поуспешни од македонските репрезентативци беа врсниците на Тунис кои натпреварот го завршија со конечен резултат и голема победа од 32-27.

Лошиот почеток на Македонија, која започна со многу грешки и неискорстени напади се претвори во негатива од 3-0 во корист на Тунижаните. Играта на Македонија речиси секогаш завршуваше со удар на Талески, а тоа во наредните три минути им донесе изедначување за „црвено-жолтите“. И покрај бројните грешки, Македонија одржуваше чекор со Тунис, а благодарение на посериозниот ангажман во одбраната успеа и да поведе во 13та минута.

Но идивидуалната игра и лошите додавања кон пивотот на линијата од шест метри ја одведоа Македонија кон резултатска бездна. Индивидуалните напади на Македонија не можеа да им парираат на мотивираните африкански шампиони, па најчесто преку лесни голови и неколку голмански грешки ја зголемуваа разликата. Со првиот гол на тунискиот голман тие дојдоа до највисоките 15-9 во 25та минута. До крајот на првиот дел Македонија успеа да намали само два гола од високата предност за конечни 17-13.

Во вториот дел стручниот штаб  на Македонија се одлучи за промена на голманите. Наместо Томовски кој немаше свој ден, на голот застана Никола Даниловски, а разликата по првите три минути игра се намали на само два гола. Иако Македонија ја имаше иницијативата и играше подобро во одбраната низ средината на вториот дел, одличниот туниски голман не дозволи избраниците на Темелковски комплетно да се вратат во игра. На спротивната страна македонската одбрана немаше вистинско решение за расположениот Заид. Лошите решенија во напад, исклучувањето на Танковски, оправданиот црвен картон на Јагуриновски и играта без голман ја чинеа Македонија пораз. Тунис во 52та минута дојде до предност од +6 (28-22) разлика по која македонските репрезентативци не се вратија. На четири минути до крајот кога се распадна играта на Македонија Тунис дојде и до највисоки +осум (30-22), за на крај натпреварот да заврши со конечни 32-27.

Одличен во овој дуел беше голманот на Тунис, Брахем кој блескаше кога беше најпотребно, сосема спротивно од македонските голмани. Заид го предводеше нападот на Тунис со 12 погодоци, додека во редовите на Македонија Талески постигна 8, а го следеше Палевски со 6.

Следниот натпревар Македонија го игра против фаворитот во групата Ц, репрезентацијата на Шпанија, во недела со почеток од 19 часот.

ФОТО: ИХФ