Митревски: Тоа што речиси сме пласирани на ЕП, не треба да нè залажува!

Машката репрезентација ја очекуваат средбите со Турција и Грција од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година.

Голманот Никола Митревски вели дека максимално сериозно треба да ги дочекаме натпреварите против Турција и Грција.

„Тоа што, речиси, сме пласирани на ЕП не треба да нè залажува, треба да ги гледаме овие два натпревара како можност за освојување на првата позиција во групата, а со тоа да бидеме привилигирани на ждрепката. Во овој квалификациски циклус веќе имавме едно промашено гостување, поразот од Грција, така што, мислам дека доволно сме искусни и тоа ни е еден вид опомена за ова патување во Турција. Треба да одиграме како на двата меча со Исланд. Турците си имаат своја математика, бидејќи со победа на тој натпревар би биле кандидат за пласман на ЕП како една од четирите најдобри третопласирани селекции. Но, имаме и ние математика, така што мислам дека и на двата натпревара зависи сè од нас. Мислам дека добро ќе одиграме и ќе немаме проблеми“, вели Митревски.

Натпреварот меѓу Турција и Македонија се игра на 12 јуни во 18:00 часот.