Митревски и Маркоски останаа без тренер

Романскиот тим Доброгеа Суд, каде што играат двајцата македонски репрезентативци, Велко Маркоски и Никола Митревски, остана без тренер по серијата лоши резултати во домашниот шампионат. Тимот од Констанца се раздели од Французинот Кристијан Годен.

„По серијата лоши резултати на нашиот тим, донесовме одлука да се разделиме со тренерот Годен. Му благодариме за сите заеднички моменти, а од денеска ќе гледаме со многу оптимизам на следните мечеви. Името на новиот тренер ќе биде објавено многу скоро.“ – се вели во соопштението од романскиот тим.

Годен пред да дојде во Констанца, беше тренер на Сен Рафаел, селектор на Романија, а ги тренираше Хамбург и Селеста. Констанца по 6 кола има само 2 победи и се наоѓа само на 10 позиција на табелата. Смената на Годен доаѓа непосредно пред двобојот со норвешкиот тим Бекелагетс во Купот на ЕХФ.