Миркуловски и Вецлар победнички против Штутгарт

Екипата на Вецлар стигна до нова победа во Бундес лигата. Тимот каде капитен е Филип Миркуловски на свој терен успеа да го порази Штутгарт со 26:23. Во победата нашиот поранешен репрезентативец придонесе со еден гол и една асистенција.

Ова се два речиси изедначени тимови и оттаму се очекуваше цврста средба со малку погодоци. Очекувањата беа исполнети, а и стартот на натпреварот најави голема неизвеснот. Петнаесетина минути дуелот беше во реми, а прв се одлепи Вецлар. До крајот на првиот дел Вецлар зголеми на 13:10 и со истиот резултат се замина на полувреме.

На стартот на вториот дел, Штутгарт намали на минус еден, но никако не успеваше комплетно да се  врати во натпреварот. На патот им застана Максимилијан Холст кој со осум погодоци на оваа средба го предводеше својот тим кон победата. Сега Вецлар се искачи на 10. позиција, а Штутгарт падна на 15. место. Во следното, а воедно и последно коло, Вецлар му гостува на Фуксе Берлин, додека Штутгарт го пречекува Ерланген.