Миркуловски и Вецлар немоќни против Ерланген

Екипата на Вецлар, каде што настапува Филип Миркуловски не успеа да го совлада Ерланген во рамките на 17. коло од Бундес лигата. Момците предводени од Каи Вандшнајдер беа поразени со убедливи 27:20.

Ова навидум беше натпревар помеѓу две екипи изедначени по квалитет. Пред крајот на натпреварот двата тима имаа по 12 поени, и оттаму беше многу важно кој ќе ги однесе поените на овој натпревар.

Нашиот репрезентативец, Филип Миркуловски, својата минутажа помината на паркетот ја обележа со еден гол и една асистенција кои беа премалку за нешто повеќе на овој дуел.

Средбата започна изедначено. Во 12. минута беше 4:4, пред Ерланген да земе налет и да искористи некоклку шанси по ред со што замина на предност од плус пет (9:4). Од оваа негатива, Вецлар успеа да се врати, но попусто бидеќи по првите 30 минути на семафорот стоеше 13:9 за Ерланген.

До крајот, Ерланген не дозволи никакви изненадувања, а работата која што ја имаше пред себе успешно ја сработи со што си однесе убедлив триумф. Сега победникот во овој натпревар има 14 поени и се наоѓа на десеттата позиција, додека Вецлар е тринаесетти со 12 поени.