Миркуловски и Вецлар му „стопираа“ бод на шампионот

Ракометарите на Вецлар имаа уште една одлична партија, а во последните секунди од дуелот против шампионот Флензбург се изборија за бод откако израмнија со удар од седум метри. Еден од хероите е и капитенот Филип Миркуловски над кого беше направен пеналот така што конечните 27:27 донесоа важен бод за Вецлар во 3. коло.

Во поголемиот дел од средбата резултатот беше неизвесен, а Вецлар покажа дека сезонава има одлично расположени ракометари. Добрата игра во првиот дел од средбата донесе и предност од 14:11, а потоа во вториот дел се одржуваше водството. Сепак, шампионот успеа да го сврти резултатот во своја корист, но не и да го добие овој меч.

Последните секунди беа за ракометарите на Вецлар. Миркуловски иако не постигна гол имаше важна улога во бодот против шампионот, па после три кола тимот на Вецлар има три поени со кои котира во горниот дел од табелата.