Миркуловски и Вецлар испуштија победа против еден од тимовите кои се борат за опстанок

Екипата на Вецлар каде настапува Филип Миркуловски во рамките на 28. коло од Бундес лигата забележа реми. На гости тие се соочија со Битигхајм и одиграа нерешено (28:28) и покрај тоа што на четири минути до крајот имаа големи три гола позитива.

Нашиот поранешен репрезентативец и капитен на Вецлар, средбата ја заврши со еден гол и придодаде една асистенција. Ова беше многу важен натпревар за Битингхајм кој се бори за опстанок и бодовите му се злато вредни. Стартот беше изедначен, но во продолжението се истакнаа домаќините кои првото полувреме го добија со 13:11.

Во вториот дел, Вецлар се врати и изедначи по што долго време се играше гол за гол и немаше подобар противник. Конечно околу 50. минута, гостите се одвоија на плус два, а набрзо и на плус три. На четири минути до крајот имаа солидна предност, но Битигхајм стигна до она што го заслужи и извлече бод од оваа средба.

Како најдобар играч го имаа Михаел Краус кој погоди осум пати. Во Вецлар расположен беше Максимилијан Холст кој даде девет гола. Битигхајм до крајот се уште има шанси за опстанок и се наоѓа на два поени позади Гумерсбах кои има и натпревар помалку.