Миркуловски: Имаме доволно знаење и искуство за победа!

Крајот на ракометната сезоната е почеток за клучните натпревари на македонската репрезентација. Влогот е голем, а успехот императив за иднината на македонскиот ракомет. До Европското Првенство во Полска има уште шест месеци, но на патот стојат репрезентациите на Швајцарија и Чешка.
Големиот број квалитетни и исцрпувачки натпревари оставаат трага кај македонските ракометари кои се натпреваруваат во најквалитетните екипи во Европа, а административните проблеми на репрезентативците кои настапуваат на другиот континент само ги потенцираат проблемите со малиот број алтернативни решенија во играта на Македонија.
Капитенот на македонската селекција пред неполни седум дена се радуваше на првиот трофеј во Лигата на шампионите, но повредата која ја заработи во финалето веројатно ќе биде пресудна за креирањето на конечната постава за натпреварот во Сент Гален.
Единствениот ракометар од почетната бековска линија на Македонија, новиот централен бек на Вецлар, Филип Миркуловски е единствениот ракометар кој во оптимална форма ги очекува клучните дуели за Македонија.За првиот натпревар против Швајцарија и отсуството на капитенот Лазаров вели:

Играме без Кире Лазаров, сепак оваа репрезентација има 16 репрезентативци кои се веќе искусни и ќе треба да го надополнат отсуството на Лазаров. Швајцарија е добра репрезентација, но ние сме поквалитетни. Тие немаат амбиции бидејќи имаат нула бодови, за разлика од нив наша цел е Европското Првенство во Полска и затоа одиме на победа. Хендикепирани сме со неговата повреда, но мораме да одиграме без Кире Лазаров и да го надополниме неговото искуство со нашиот квалитет и знаење за да победиме во Швајцарија.

Натпреварот е на програмата во среда 10.06.2015 во Сент Гален со почеток од 20:00. Мечот ќе го суди рускиот судиски пар Евгениј Зотин и Николај Волотков, а делегат е Петер Хансон од Шведска.