Миркуловски без погодок во поразот на Хановер против Фуксе Берлин

Хановер на Филип Миркуловски на домашен терен доживеа пораз од екипата на Фуксе Берлин со резултат 26-31(10-10). Во првите 20 минути Хановер имаше минимално водство во натпреварот, а гостите со голот на Костантин Игропуло дојдоа до првото водство на натпреварот. Фуксе продолжи во исто темпо успевајки да ја зголеми предноста која на три минути до крајот изнесуваше +3, 7-10, но Хановер благодарение на Каи Хефнер возврати со серија од 3-0 за конечни 10-10 по првиот дел.
Хановер успеваше да одржува резултатска неизвесност во првите десетина минути од вториот дел (15-17) по што следуваше црн период од 8 минути без постигнат гол за тимот на Миркуловски, кој гостите од Берлин го казнија со серија од 5-0 за 15-22 во 48 минута, по што беше и решен победникот на овој натпревар. Во продолжението на натпреварот Фуксе успеа да стигне до највисоки +9, 16-25 (50 мин). Домаќините преку расположениот за игра Рунар Карасон (11 погодоци) пред крајот на натпреварот успеаа да намалат на 26-30, а точка на натпреварот стави Евгениј Певнов за конечни 26-31.
Најпрецизен во екипата на Фуксе Берлин беше Петерсен со 6 погодоци, а на спротивната страна Рунар Карасон со 11 гола го предводеше нападот на Хановер.
Нашиот репрезентативец Филип Миркуловски не се запиша во листата на стрелците на овој натпревар.

По овој пораз екипата на Хановер со 22 бода се наоѓа на 10 место на табелата во германската Бундеслига.

.