Миркуловски без грешка, Вецлар го среди Хановер на гости

Тимот на Вецлар каде настапува Филип Миркуловски славеше важен триумф во Бундес лигата. „Зелените“ му гостуваа на Хановер и во тежок натпревар забележаа победа со 23-25. Нашиот поранешен репрезентативец имаше перфектен меч и погоди три пати од три обиди, а беше меѓу најдобрите на теренот.

Немаше фаворит пред стартот, а победникот го одлучи добрата игра во одбрана. После изедначениот старт прв се одвои Вецлар. Гостите најпрво стигнаа до 10:6, а првиот дел го добија со 14:10. На стартот на второто полувреме, „зелените“ зголемија на плус седум кои воедно беа најголема разлика на средбата. По ова следеше мало опуштање, но Хановер и покрај тоа што се доближи на минус два, немаше шанси за труимф.

Одличниот Миркуловски беше втор стрелец во својот тим, а најдобар беше Максимилијан Холст кој погоди десет пати. Тимо Кастенинг, Торге Јохансен и Нејц Цехте погодија по четири пати за Хановер. После репрезентативната пауза, Вецлар ќе има шанси за нова победа против Лемго, а Хановер ќе има тешка задача против Рајн Некар Левен.