„Министерот“ се враќа во Германија: Борко Ристовски пред потпис со Берлин

Голманот на Барселона и прв „чувар на мрежата“ на репрезентацијата на Македонија, Борко Ристовски ги одработува последните месеци од договорот со Каталонците. Неговиот актуелен договор завршува на крајот од сезоната, но веќе постојат индиции дека нема да ја продолжи соработката со победникот од Супер глоуб турнирот во Катар од ова лето.

Ристовски треба да се врати во Германија и да потпише за тимот на Фуксе Берлин. Таму во моментов бранат репрезентативецот на Германија, Силвио Хајнефетер и ветеранот од Чешка, Петр Штохл. Со оглед на тоа што Чехот има веќе 41 година, сосема извесно е дека на клубот од Берлин му треба искусен голман, а Ристовски може да го донесе тоа со себе со оглед на тоа што веќе има настапувано во Бундес лигата во редовите на Гумерзбах и Рајн Некар.

Фуксе Берлин ќе биде третиот клуб за Ристовски во Германија. Тој својата кариера ја почна во Работнички, а во Македонија играше и за екипите на Југ, Металург, Македонија и Вардар. Интернационалната кариера ја почна во тимот на Теукро од Шпанија, а во оваа земја бранеше и за Алгесирас. Играше и за Ал Ахли од Катар и за Кретеј од Франција.

Ристовски е голман кој беше дел од сите успеси на репрезентацијата на Македонија. Во 2000 година како кадет настапи на јуниорското ЕП во Атина, каде генерацијата предводена од Лазаров и Мојсоски финишираше на 9. место. Две години подоцна со Филип Миркуловски и Горан Кузманоски беше предводник на генерацијата која се пласираше на 4. позиција на едно ЕП, а на овој шампионат беше еден од најдобрите играчи.

Со сениорската селекција беше дел од сите поголеми успеси од 2009 година досега. Го немаше само на последниот Мундијал во Франција откако не се најде на списокот на Лино Червар, но повторно се врати на голот со доаѓањето на Раул Гонзалес за селектор.