Минимална победа на Исланд

Во вториот натпревар од групата Б, во трилер завршница Исланд ја совлада Норвешка  (26-25)

Натпреварот го отворија Норвежаните со два погодоци на Кристијан Бјорнсен, но Исланѓаните брзо израмнија (2-2).  Следуваше период на игра гол за гол се до 20-тата минута кога Норвежаните со два брзи погодоци се одлепија на два гола предност (7-9). Ракометарите на Норвешка успеваа да ја одржат оваа предност се до 26-тата минута кога Орн Халгримсон погоди за Исланд (10-11)  резултат со кој заврши првиот дел од натпреварот.

Второто полувреме го отворија Исланѓаните со погодокот на Вигнир Сваварсон за израмнување на резултатот (11-11), но Кристијан Бјорнсен веднаш возврати на спротивната страна (11-12).  Слично како и во првото полувреме следуваше период на максимална изедначеност во играта. Во 40-тата минута Исланѓаните ја презедоа иницијативата и со три погодоци едно по друго дојдоа до највисока предност (18-15). Норвежаните ги консолидираа своите редови и успеаја да дојдат до изедначување со голот од пенал на Кент Робин Тонесен (19-19). Во периодот што следуваше ракометарите на Исланд повторно дојдоа до предност преку погодоците на Сигурдсон, Палмарсон и Петерсон која ја одржуваа се до 59-тата минута кога Норвежаните израмнија (25-25). Во последнте секунди од натпреварот  искусниот Гудјон Валур Сигурдсон стрелаше прецизно за минимална победа на Исланд (26-25).

Најефикасен во составот на Исланд беше Арон Палмарсон со осум и Гудјон Валур Сигурдсон со шест погодоци, а  составот на Норвешка го предводеше Кристијан Бјорнсен со седум погодоци.

 

 

ФОТО: Карол Бартник (Karol Bartnik/EHF)