Милосављев: Подготвени сме за да ја совладаме Барселона

Голманот на Вардар, Дејан Милосављев неколку минути после објавувањето на имињата на играчите кои се најдоа во Ол-стар тимот го имаше и првиот коментар за неговото наоѓање во најдобрата седумка.

„Одушевен сум и шокиран бидејќи тоа е големо признание. Овој тим ми овозможи за да се случи тоа и им благодарам на сите коишто гласаа“.

Тој вели дека никој не очекувал Вардар да се најде во Келн и дека со таквиот впечаток со своите колеги се бореле уште од пред почетокот на сезоната.

„Нас не отпишаа уште во подготовките во август. Тоа не е тој Вардар од претходно и ќе биде поинаку. Сепак, оваа екипа со костурот од претходно, со капитенот и играчите кои ја освоија Лигата на шампионите, кои се тука по 7-8 години покажаа дека не е така. И на нас ни ставија до знаење зошто и за кого играме. Имавме доста осцилации, но тоа не не поремети. Дојдовме тука среќни за да се надигруваме и да се бориме за финале“.

Со оглед на тоа што сезонава веќе одиграа два дуели со Барселона, смета дека сега можат многу повеќе.

„Против Барселона загубивме два меча во низа и не бевме прави на тој меч. Очекувам да дадеме 100 посто на теренот. Ќе се обидеме да победиме, а ќе им честитаме доколку не совладаат. Тоа е спорт и ние сме подготвени и да победиме, но и за пораз. Се надевам дека ќе победиме бидејќи тоа го посакуваме сите од срце“.

А подготовките за дуелот утре, за шутевите на противниците почнале уште од дознавањето на името на противникот.

„Уште ден после Сегед откако стана јасно дека играме против Барселона ме повика тренерот на голманите Дејан Периќ. И неговиот и мојот коментар беа дека сакавме да играме против Барселона. Некогаш е можеби полесно да се игра против играчи какви што има Барселона отколку против екипи какви што се Веспрем и Келце каде што има повеќе разбивање и поминување и доста шутери. Многу работевме на подготовка. Некогаш е лошо така бидејќи настанува хаос во главата, но Дејан периќ одлично ја заврши својата работа и јас, Гедбан и младиот Кизиќ можеме да направиме вистинска работа и да излеземе од наша позиција како победници“, изјави Милосављев.

Средбата е втора на програмат утре, а почнува од 18 часот.