Милан Лазаревски: Тешко го преболувам поразот од Спортинг, но фаворити сме со Извиѓач

После загубениот дуел против Спортинг ракометарите на Металург немаат многу време за анализирање на грешките туку мораат да се подготвуваат за натпреварот против Извиѓач кој се игра в среда во СЕХА-лигата.

Ова е дуел од 4. коло, па Металург се надева на добар резултат против составот од БиХ. Пивотот Милан Лазаревски вели дека можат конечно да направат чекор напред и очекувањата се сè да мине во најдобар ред.

„Поразот од Спортинг лично тешко го преболувам. Против Извиѓач ја гледам вистинската шанса за првата победа. Мислам дека овој натпревар ќе влијае за кревање на самодовербата кај сите ракометари. Ова е нов меч и се надевам дека конечно ќе се поправиме. Кратката клупа ни е кобна на секој меч. Противникот го анализираме, но ни се случува истото. Деконцентрацијата и промашувањата во второто полувреме нè чинат многу. Сепак, заморот влијае. Меѓутоа тоа нее оправдување. Мораме да се надминеме себеси на теренот и да покажеме дека вредиме“, рече Лазаревски.

Тој смета на овој меч се во предност и дека можат да го совладаат противникот.

„Би си доделил блага улога на фаворит и убеден сум дека ќе успееме да ја оправдаме таа улога за да дојдеме до првите бодови во оваа сезона“, изјави пивотот на Металург.

Средбата на која се чека првата победа се игра в среда од 20:45 часот во салата во СЦ „Борис Трајковски“.